Венецуела го одобри создавањето нова држава на територија со која управува Гвајана

Меѓународниот суд на правдата (МСП) треба да одлучи на која земја ѝ припаѓа територијата

од Бети Божиноска

Парламентот на Венецуела денеска го одобри создавањето нова држава наречена Гвајана Есекибa на територијата на регионот Есекибa, кој е под управа на соседна Гвајана и која долго време е предмет на спор меѓу двете земји, пренесува „Ројтерс“.

Одобрувањето е во согласност со неодамнешната изјава на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој рече дека неговата земја има право да управува со регионот Есекибa, кој се протега на од 160.000 квадратни километри.

Законот за одобрување на новата држава ќе стапи на сила веднаш штом ќе биде објавен во службениот весник.

Според законот, границите на државата ќе бидат Атлантскиот Океан на север, Бразил на југ, Гвајана на исток и венецуелските држави Делта Амакуро и Боливар на запад.

Градот Тумеремо, во Боливар, ќе служи како главен град „додека не се постигне практично и взаемно прифатливо решение за територијалниот спор со Кооперативната Република Гвајана“, се вели во законот.

Венецуела во последните неколку години ги обнови своите претензии за територијата и за офшор областите по големите откритија за нафта и гас и во услови на внатрешно-политички пресврти пред изборите што се очекуваат оваа година.

Двете земји се согласија минатиот декември да избегнуваат каква било употреба на сила и да не ги ескалираат тензиите во спорот по средбата меѓу Мадуро и неговиот гвајански колега.

Меѓународниот суд на правдата (МСП) треба да одлучи на која земја ѝ припаѓа територијата, но владата на Венецуела вели дека не го признава МСП и дека референдумот во декември со кој се поддржа создавањето нова држава, меѓу другото, ѝ дава право да го контролира Есекибо и да дозволи таму да се трага по нафта.

Гвајана рече дека нејзините граници не се предмет на дискусија и дека ќе го брани својот суверенитет.

Слични содржини