Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека индиско-пакистанскиот конфликт не ги засега директно САД и дека тие нема да се мешаат во него, туку се надеваат на враќање на мирот.
„Она што можеме да го направиме е да се обидеме да ги охрабриме овие луѓе малку да ги деескалираат тензиите, но нема да влеземе во војна која во суштина не е наша работа и нема никаква врска со способноста на Америка да ја контролира“, изјави Венс за „Фокс њуз“.
Тој додаде дека „Америка не може да им каже на Индијците да го положат оружјето и не може да им каже на Пакистанците да го положат оружјето“.
Потпретседателот на САД додаде дека САД затоа „ќе продолжат да го решаваат ова прашање преку дипломатски канали“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера ги повика Индија и Пакистан да го деескалираат насилството и изрази поддршка за директен дијалог меѓу двете земји, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус. Таа рече дека Рубио ги повикал двете земји на дијалог, во одделни разговори со индискиот министер за надворешни работи Субраманиам Џајшанкар и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, објави Ројтерс.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека се надева дека нападите „око за око“ меѓу Индија и Пакистан ќе престанат и рече дека е подготвен да помогне, но Вашингтон не понуди формално да посредува во ублажување на тензиите.
Размената на артилериски оган меѓу Индија и Пакистан се случи откако Индија испали неколку ракети ноќта на 7 мај кон цели во Пакистан, за кои рече дека биле терористички бази, како одмазда за терористичкиот напад на 22 април, кога 26 туристи беа убиени во индиски Кашмир, за што индиските власти го обвинија Пакистан, објави Танјуг.