На 20 декември турската лира полуде – прво пропадна, што резултираше 1 долар да се разменува за повеќе од 18 лири, а вечерта истиот ден, претседателот Ердоган најави спасувачки пакет, по што во текот на ноќта 1 долар чинеше околу 13 лири, пишува ДВ.
„Сакаме да знаеме кој заработил од овие шпекулации“
Според турската опозиција, ваквиот развој на настаните е многу сомнителен.
„Сакаме да знаеме кој колку валута купил и продал, кој заработил од овие шпекулации и кој бил однапред информиран“, рече лидерот на Републиканската народна партија (РНП), Кемал Киличдароглу. Лидерот на опозицијата зборуваше за „можеби најголемата кражба во историјата на земјата“.
Первин Булдан од прокурдската Демократска народна партија (ДНП) пак, се сомнева дека зад сето тоа стои Ердоган: „Вашите шпекуланти вештачки го напумпаа доларот, а потоа почнаа масовно да продаваат, за на крајот да го купат по многу пониски цени“.
Овие шпекуланти очигледно се од придружбата на претседателската палата во Анкара, вели економскиот експерт Мустафа Сонмез. Само таму, според него, можеле навреме да знаат какви се плановите на Ердоган.
Сонмез не ја негираше потребата од спасувачки пакет, но го критикуваше нетранспарентниот начин на кој тоа беше направено: „Владите во сите земји во кои владее правото ќе ги објавеа своите намери во форма на нацрт – така што никој нема да имаше корист“. А транспарентноста ќе обезбедеше граѓаните да бидат свесни за намерите на владата и да не купуваат валута“.
Меѓутоа, токму тоа се случи на 20 декември: по големиот колапс на курсот на лирата, многу Турци побрзаа да ги претворат своите заштеди во долари или евра – само по многу неповолен курс на лирата.
„Луѓето масовно ги загубија заштедите, многумина дури и посегнаа по своите животи. Народот му веруваше на Ердоган. Тој претходно рече дека ќе продолжи да ги намалува каматните стапки затоа што се обложувал на извозот, а не толку на лирата. И одеднаш сосема неочекувано за сите, во истата вечер, по завршувањето на берзата, тој го извади тој адут од ракавот“, рече Ајкут Ердогду од опозициската РНП.
Спасувачкиот пакет на Ердоган – измама?
Истата вечер, Ердоган им вети на народот дека нивните загуби ќе бидат надоместени доколку лирата продолжи да поевтинува. И министерот за финансии Нуредин Небати ги отфрли сите обвинувања на опозицијата за манипулации.
„Ако кажуваат нешто такво, нека го докажат. Никој не го допре курсот на лирата таа вечер“, рече тој.
Сепак, владејачката коалиција го отфрли предлогот на опозицијата за истрага за настаните од 20 декември. Покрај тоа, банкарската супервизија поднесе жалби против критички настроени новинари и експерти, вклучително и економскиот експерт Сонмез. А поддржувачите на власта дури тврдат дека опозицијата манипулирала со курсот на лирата затоа што сакала да предизвика предвремени избори.
Ердоган ја губи популарноста, опозицијата сака предвремени избори
Кризата го стави Ердоган под огромен притисок. Анкетите во декември покажуваат дека неговата популарност паднала на 30%. На претседателските избори во 2018 година, тој сè уште уживаше повеќе од 52 отсто доверба
Во позадина на ова, опозициската РНП гледа шанса да го собори Ердоган. Новата влада би имала подобри услови за работа, и покрај огромните економски тешкотии, рече експертот Сонмез. Според него, овие тешкотии не се должат толку на структурата на турската економија, колку на политичките амбиции на Ердоган, кој ја води економијата како што му одговара и е подготвен на се за да ја зачува својата моќ.
„Најголемиот проблем на турската економија е недостатокот на доверба во неа од страна на остатокот од светот“, рече експертот.
Според него, оваа доверба може да се врати во случај на победа на опозицијата. Но, засега нема знаци дека турската влада ќе се согласи на предвремени избори. Тоа значи дека Ердоган има рок до 2023 година да ја постигне целта што ја најави: Турција да влезе во првите десет најразвиени економии во светот.