Вето на Кина по изјавата на Советот за безбедност на ООН?!

Кина ја блокираше изјавата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се осудува воениот удар во Мјанмар.

Дипломатите во вторникот рекоа дека враќањето на демократијата е клучен елемент во нацрт-изјавата подготвена за Советот, заедно со осуда на воената акција и повик за итно ослободување на сите уапсени.

За заедничката изјава требаше и поддршка од Кина, која има можност да стави вето како постојана членка на Советот за безбедност на ООН, објави Би-Би-Си.

Пред разговорите, специјалната претставничка на ООН за Мјанмар Кристин Шранер остро го осуди военото преземање што следеше откако војската одби да го прифати резултатот од општите избори одржани во ноември.

Таа рече дека е јасно дека „неодамнешниот исход на изборите беше убедлива победа“ за партијата на политичкиот лидер Аунг Сан Су Чи.

Армијата на Мјанмар прогласи вонредна состојба во понеделникот, ја презеде власта во земјата и потврди дека извршила апсења на високи владини претставници како одговор на измамата за која тврдат дека била извршена за време на минатогодишните општи избори.

Власта ја презеде Врховниот командант на вооружените сили, генерал Мин Аунг Хлаинг, беа отстранети 24 министри и заменици и беа назначени 11 нови министри.

Слични содржини