Активистите против масовниот туризам ветија дека летово ќе протестираат низ Шпанија и ќе предизвикаат „туристички пустош“. Тие започнаа во февруари, блокирајќи го пристапот до популарните туристички локации и палејќи ги изнајмените автомобили, пишува „Дејли Меил“.
Туристите на Ибица кои планираа да го посетат познатиот видиковецот „Ес Ведра“, каде илјадници луѓе го гледаат зајдисонцето секоја вечер, минатиот месец беа пречекани со знак кој го блокираше патот до видиковецот. Тоа беше последниот пример за зголеменото незадоволство на локалното население од масовниот туризам. „Приватен имот, ограничен пристап!“, пишуваше на знакот.
Блокирањето на патот изгледа како питом начин за протестирање, во споредба со Тенерифе каде што активистите, наводно, запалиле изнајмени автомобили минатата недела.
Маскирани лица полиле 20 возила со течност и ги запалиле во популарното туристичко место Коста Адеје. Минатата година активисти организираа бројни протести против туристите, обвинувајќи ги за високите цени на становите и другите трошоци за живот. Тие се заканија и дека ќе ги однесат протестите „на повисоко ниво“ со блокирање на аеродромите.
Активистички групи во Шпанија, Португалија, Италија и Франција, планираат да се сретнат во Барселона во април за да ги испланираат следните чекори за претстојната туристичка сезона.
Да потсетиме дека во текот на 2024 година во популарните шпански одморалишта се појавија графити со натпис „Убиј го туристот“. Во Тенерифе демонстрантите упаднаа на плажата и вееја транспаренти, а потоа штрајкуваа со глад 20 дена.
На Балеарските Острови, локалните жители ги исмеваа туристите кои вечераа на терасите и им викаа да си одат дома. Активистите продолжуваат да бараат владата да го ограничи бројот на туристи поради скокот на цените за изнајмување.
View this post on Instagram