Банана закачена на бел ѕид со сребрена селотејп лента би можела да достигне цена од повеќе од 1 милион долари на аукција оваа недела во њујоршкиот Сотби. Станува збор за уметничкото дело „Комичар“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателан, кој дебитираше во 2019 година на изложбата „Арт Базел Мајами Бич“, каде стана многу дискутирана сензација.
Додека некои се прашуваа дали се работи за шега или коментар за состојбата на светот на уметноста, друг уметник извадил банана од ѕидот и ја изел, по што била донесена резервна банана.
Имаше толку многу посетители кои сакаа да се сликаат со делото „Комичар“ што беше повлечено од изложбата, но три изданија од него, според галеријата Перотин, се продадени за меѓу 120.000 и 150.000 долари.
Иако се работи за банана која чини помалку од 50 денари во супермаркет, вредноста на ова концептуално уметничко дело сега се проценува на меѓу 1 милион и 1,5 милиони долари во куќата на Сотби во Њујорк, каде што ќе се одржи аукцијата на 20 ноември.