Вооружениот конфликт меѓу сириските сили и алавитската група во западна Сирија, во кој загинаа десетици луѓе, продолжува втор ден по ред.
Сириските власти објавија дека остатоците од поранешниот режим на Асад започнале смртоносен и добро испланиран напад врз нивните сили во четвртокот во крајбрежен регион дом на многу припадници на алавитското малцинство. Вооружени групи, вклучително и поранешни членови на режимот на Асад, извршија заседи врз воените сили, контролните пунктови и командните центри долж брегот.
Локалните вооружени групи зазедоа воени зони и се наметнаа во планинските области на Латакија од каде започнаа напади, додека други борци се зацврстија во градот Џабле.
Властите не објавија точно колку луѓе се убиени, но Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека се убиени повеќе од 120 лицa.
Конфликтот ги разниша напорите на привремениот претседател Ахмед ал Шара да ја консолидира контролата врз земјата додека неговата администрација се бори да ги укине американските санкции и се соочува со зголемени безбедносни предизвици, особено во југозападниот дел на земјата каде Израел сака да го спречи распоредувањето на силите на Дамаск.
Насилството и судирите кои започнаа вчера во областа Џабле, се прошири и на останатите делови на Сирија . Во крајбрежните градови Тартус и Латакија е прогласен полициски час, јави државната новинска агенција САНА. Безбедносните сили започнаа операции за расчистување и во градовите и во блиските планини, соопшти агенцијата, цитирајќи извор од безбедносните сили. На цивилите им беше препорачано да останат дома, наведува агенцијата.