Ерменските власти денес го уапсија архиепископот Баграт Галстањан и уште 13 лица под обвинение за заговор за соборување на владата на премиерот Никол Пашинјан, соопштија властите.
Истражниот комитет на Ерменија соопшти дека поднел кривични пријави против Галстањан и уште 15 лица за кои рече дека „се стекнале со средства и алатки потребни за извршување терористички напад и преземање на власта“, објави Ројтерс.
„Службениците за спроведување на законот спречија голем и злокобен план на „криминално олигархиското свештенство“ за дестабилизација на ситуацијата во Република Ерменија и преземање на власта“, напиша Пашинјан на социјалните мрежи.
Безбедносните сили од утрово ги претресуваат домовите на членовите и поддржувачите на движењето „Света борба“.
Покрај архепископот, приведени се и поранешниот пратеник во парламентот на Нагорно-Карабах, Давид Галстањан, и пратеникот од блокот на Ерменија, Артур Саргсјан.
Истражниот комитет на Ерменија тврди дека движењето, по неколкумесечен неуспех во постигнувањето на својата цел за преземање на власта на дозволен начин, си поставило цел да ја постигне „на начин што не е дозволен со Уставот“.
Ерменското списание „Граѓански“ објави дека добило „план за државен удар“ што опозицијата наводно го подготвува против сегашната ерменска влада.
Се тврди дека документот, кој наводно е добиен од сигурни извори во опозицијата, содржи план за дејствување, список на учесници и список на ресурси што им се достапни на заговорниците.
Би-Би-Си потсетува дека конфликтот меѓу премиерот и поглаварот на Ерменската црква трае веќе неколку месеци.