По падот на режимот на Башар ал Асад во Сирија, тој и неговото семејство побегнаа во Москва. Новата влада во таа земја, бунтовничката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), ги зазеде сите куќи и фабрики кои им припаѓаа на нарко картелите кои работеа под заштита на претходниот режим, пренесува „Ројтерс“.
Блискиот Исток со години е преплавен со каптагон и амфетамин. Главно, залихите од него повремено се откриваа на царина или при рации.
Сега медиумите ги посетија вилите во близина на границата со Либан и фабриката за каптагон лоцирана во близина на сирискиот главен град Дамаск. Чуварите на фабриката рекоа дека целата залиха на каптагонот е изгорена, додека суровините се задржани бидејќи, како што велат, може да бидат користени за лекови.
„Во Идлиб, како што знаете, немаше такво нешто. Секој што се занимаваше со такви активности беше исфрлен од градот. Се разбира, знаевме што се случуваше во остатокот од Сирија. Режимот беше скршен. Економијата беше мртва. Па тие се финансираа со пари од дрога“, рече Абу Бејкер, џихадист на ХТС.
Луксузните вили во населбата им припаѓале на офицери од четвртата оклопна дивизија. Ја водел Махер, братот на Башар ал Асад, а сите чувари го нарекуваат Басем.
„Басем беше важен на овие простори и им втурна страв во коските на сите што живееја овде, се беше забрането. Искрено бев шокиран кога дознав за дрогата овде, за овие страшни активности што ја уништуваа земјата. Не знаевме ништо за таа дрога“, рече Абу Билал, локален фармер.
Што е каптагон?
Каптагон е дрога попозната како „кокаин на сиромашните“. На улица неговата цена се движи од три и 25 долари, додека неговото производство чини само неколку центи по таблет.
Првично беше создаден во Германија во текот на 1960-тите и се користеше за лекување на нарколепсија. Предизвикува еуфорија, илузија и ненадеен излив на енергија.
Забранет е во повеќето земји во светот поради прекумерната зависност што ја предизвикува. По избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, целата земја се претвори во идеална средина за илегална трговија со дрога, а Институтот за стратегија и политика „Нови линии“ соопшти дека трговијата со каптагон носела профит од околу 10 милијарди долари годишно.