Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок пристигна во Кина во период кога односите меѓу Берлин и Пекинг се позатегнати од кога било. Но, веднаш по нејзиното пристигнување во Пекинг, Баербок беше пречекана со „ладен“ прием, или, поточно, целосно отсуство на каков било службен пречек.
На социјалните мрежи се шири видео коешто ја прикажува министерката како излегува од авионот и збунето гледа наоколу очекувајќи протоколарен пречек, но службените кинески претставници ги немаше никаде.
Во моментот кој беше најмногу коментиран, Баербок продолжи да чекори сама, видно изненадена од отсуството на делегацијата која требаше да ја поздрави.
Овој инцидент многумина го гледаат како порака од Пекинг, која доаѓа по серија тензии и дипломатски размени. Баербок претходно предизвика реакција на кинеските власти откако на јавни настапи Кина ја нарече „ривал“, а претседателот Си Џинпинг „диктатор“.
Пекинг одговори остро, опишувајќи ги нејзините изјави како „апсурдни и провокативни“ и итно го повика на разговор германскиот амбасадор во Кина. Овој инцидент со пречекувањето сугерира дека кинеските власти не ги заборавиле тие зборови.