(ВИДЕО) Големо невреме во Австралија

од Milan1
85 прегледи

Еден човек исчезна во поплавата. Наредена е евакуација, бидејќи делови од источниот брег на Австралија беа погодени од ветер и дожд од долго најавуваниот тропски циклон Алфред.

Исчезнатиот човек управувал теренец кој бил однесен од мост во близина на градот Дориго во северниот дел на Нов Јужен Велс, регион погоден од најобилните врнежи во последните денови.

Возачот успеал да излезе од возилото и се фатил за гранка од дрво на 30 метри од брегот на реката. Полицијата успеала да разговара со него пред да биде однесен и исчезнат под вода.

Екипите за итна помош почнаа со потрага.

Во тој дел на Австралија се очекува првиот тропски циклон по половина век.

Тропскиот циклон Алфред се предвидува да го погоди брегот на Квинсленд северно од Бризбејн, третиот по големина град во Австралија, рано во сабота, соопшти денеска Бирото за метеорологија.

Циклоните се вообичаени во тропскиот северен Квинсленд, но се ретки во умерениот и густо населен југоисточен дел на државата што се граничи со Нов Јужен Велс.

Алфред ќе биде првиот циклон што ќе го погоди регионот Бризбејн по циклонот Зое, кој го погоди регионот во 1974 година и предизвика поплави.

Невремето се движи кон запад со удари на ветер до 130 километри на час. Но, се очекува бурата да ослаби додека се приближува до Бризбејн.

Тоа значи дека таквите разорни ветрови веројатно нема да го погодат самиот Бризбејн, но сепак се очекуваат силни налети до 120 километри на час.

Најмалку пет лица се спасени од поројните поплави во Нов Јужен Велс.

Две лица за влакно избегале од големо дрво кое паднало врз нивниот дом во Квинсленд во четвртокот вечерта.

Двојката лежеше само неколку сантиметри од местото каде што дрвото паднало во нивната спална соба.

„За среќа и двајцата претрпеа само полесни повреди“, се вели во соопштението на службата за брза помош во Квинсленд.

Во Квинсленд, 46.000 домови и фирми немаат струја.