Илјадници луѓе вечерва протестираа во Истанбул поради апсењето на градоначалникот на градот Екрем Имамоглу и покрај четиридневната забрана за демонстрации во градот, јавува „АП“.
Протестите се одржуваат втора ноќ по ред, а вечерва на нив учествуваше и градоначалникот на турската престолнина Анкара, Мансур Јавас, кој ги повика опозициските сили да се обединат „против неправдата“.
Полицијата запре група демонстранти кои се обидоа да се пробијат до централниот градски плоштад Таксим.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека главната опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП), чиј член е Имамоглу, се обидува да ги прикрие сопствените грешки и да ги измами луѓето со „театралност“.
Имамоглу беше уапсен во средата како дел од истрагата за наводни случаи на корупција и тероризам, што предизвика големо незадоволство кај опозицијата, проследено со протести во Истанбул и други градови против одлуката.
Градоначалникот на Истанбул е главниот политички ривал на турскиот претседател Ердоган, а опозицијата за неколку дена треба да го избере својот претседателски кандидат на следните избори, наведува АП.
Турските власти претходно го блокираа пристапот до социјалните мрежи во Истанбул за да ги спречат демонстрантите да се организираат, а „Би-би-си“ објави дека десетици луѓе се уапсени поради „провокативни“ објави на социјалните мрежи.