Илјадници луѓе излегоа на улиците низ Словачка за да ја одбележат седмата годишнина од убиството на истражувачки новинар и неговата свршеница. Собирите се дел од бранот протести против проруската политика на популистичкиот премиер Роберт Фицо.
Демонстрантите во Братислава одржаа едноминутно молчење во спомен на Јан Куцијак и Мартина Кушнирова, кои беа застрелани во нивниот дом, на 21 февруари 2018 година.
Убиствата предизвикаа масовни улични протести. Политичката криза што следеше доведе до пад на коалициската влада предводена од Фицо. Куцијак, меѓу другото, истражуваше евентуална владина корупција кога беше убиен.
Луѓето денеска им аплаудираа на родителите на убиениот новинар кои ги поздравија од бината. Верувам дека нашата заедничка борба ќе биде успешна“, изјави Јозеф Куцијак, таткото на Јан. Маријан Кочнер, бизнисмен кој беше обвинет за организирање на убиствата, двапати беше ослободен од обвиненијата.
Актуелните антивладини протести се најголемите од убиствата во 2018 година. Тие беа поттикнати од неодамнешното патување на Фицо во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, ретка посета на Кремљ на европски лидер од почетокот на сеопфатната руска инвазија врз Украина.
„Доста ни е од Фицо“, скандираа луѓето.
Протестни собири се одржаа на 47 локации во земјата и 16 во странство. Демонстрантите бараат оставка од Фицо. Околу 10.000 демонстранти извикуваа „Оставка, оставка“ на Плоштадот на слободата во Братислава. Фицо се врати на власт откако неговата левичарска партија Смер победи на парламентарните избори во 2023 година.