Израелската војска утрово го почна најобемниот воздушен напад врз Хезболах од почетокот на војната во Газа, што уследи откако Израел ги предупреди цивилите да ги напуштат куќите и зградите каде што оваа вооружена група чува оружје.
Либанското министерство за здравство објави дека најмалку 100 луѓе се убиени во денешните израелски воздушни напади врз села и градови во јужен Либан. Покрај тоа, повеќе од 400 луѓе се ранети, меѓу нив жени и деца.
„Ги продлабочуваме нашите напади во Либан, акциите ќе продолжат додека не ја постигнеме нашата цел за безбедно враќање на израелските граѓани на северот на земјата. Ова се денови кога израелската јавност мора да покаже смиреност“, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
– Противвоздушната одбрана успешно пресретна голем број проектили, наведуваат од ИД.
Израелската армија претходно ги предупреди жителите на Бејрут да се одалечата од местата каде што е стациониран Хезболах.
Една жителка на Бејрут изјавила за Ројтерс дека нејзиното семејство било „потресено“ откако примила една од автоматските телефонски пораки на Израел со кои се повикуваат граѓаните да ги евакуираат своите домови.