Поребана со катанец на ногата и железен срп преку вратот, Зосија никогаш не требало да се врати од мртвите. Погребана на необележани гробишта во Пиен, северна Полска, младата жена била една од десетиците од кои нејзините соседи стравувале дека се „вампирки“.
Сега, користејќи ДНК, 3Д печатач и глина за моделирање, тим научници го реконструираа 400-годишното лице на Зосија, откривајќи човечка приказна обвиткана со ворувањата во натприродното.
„Ова е навистина иронично, на некој начин. Овие луѓе кои ја закопале направија сѐ за да ја спречат да се врати од мртвите…направивме сѐ што можевме за да ја вратиме во живот“, вели шведскиот археолог Оскар Нилсон.
Зосија, како што ја нарекуваа мештаните, беше пронајдена во 2022 година од тим археолози од Универзитетот Никола Коперник во Торун.
Зосија починала на возраст од 18 до 20 години, а анализата на нејзиниот череп сугерира дека страдала од здравствена состојба што предизвикува несвестица и силни главоболки, како и можни проблеми со менталното здравје, вели Нилсон.
Во тоа време, се верувало дека српот, катанецот и одредени видови дрво пронајдени на гробот имаат магични својства за да се заштитат од вампирите, според универзитетскиот тим.
Гробот на Зосија е „бр. 75“ на необележаните гробишта во Пиен, во близина на северниот град Бидгошч. Меѓу другите тела пронајдени на местото имало и дете „вампир“, закопано со лицето надолу и слично заклучено со катанец во долниот дел од нозете.
Малку се знае за животот на Зосија, но Нилсон и тимот од Пиено велат дека предметите со кои била погребана укажуваат на нејзиното потекло од богато, веројатно благородничко семејство.
Европа од XVII век, во која живеела, била опустошена од војните, нешто што, сугерира Нилсон, создало клима на страв каде верувањето во натприродни чудовишта било секојдневие.
Реконструкцијата на лицето од страна на Нилсон започнало со создавање на 3Д печатена реплика на черепот, пред постепено да изгради слоеви од полимерна глина „мускул по мускул“ за да го изваја лицето како вистинско.
Ја користел структурата на коските во комбинација со информации за полот, возраста, етничката припадност и приближната тежина за да ги процени карактеристиките на лицето.
„Емотивно е да се види лице како се враќа од мртвите, особено кога ја знаете приказната за оваа млада девојка“, вели Нилсон. Додава дека сака да ја врати Зосија „како човечко суштество, а не како ова чудовиште како што е погребана“.