(ВИДЕО) Поларните мечки се сè поранливи на болести поради затоплувањето на Арктикот

од Илинка Илиоска
13 прегледи

Поради загревањето на Арктикот, поларните мечки стануваат почувствителни на вируси, бактерии и паразити, додека такви проблеми претежно не постоеле пред 30 години, покажува истражувањето.

Во текот на истражувањето, кое воспоставило можна врска меѓу болестите на поларните мечки и губењето на ледот, научниците испитале примероци од крв на овие животни во Чукотското Море, кое се наоѓа помеѓу американската држава Алјаска и Русија, пренесе Би-би-си.

Анализирани се примероци собрани помеѓу 1987 и 1994 година и споредени со оние земени од 2008 до 2017 година.

Истражувачите откриле дека значителен број неодамна земени примероци содржат хемиски супстанци кои укажуваат на тоа дека мечките се заразени со еден од петте вируси, бактерии или паразити.

Според примероците од крв, тешко е да се утврди како тоа влијае на здравјето на мечките, но Карин Роуд, биолог од Геолошкиот институт на САД, вели дека нешто се менува во арктичкиот екосистем.

Научниците испитувале крв за присуство на вкупно шест различни патогени – вируси, бактерии и паразити кои претежно се поврзани со копнени животни, а кои претходно биле пронајдени кај морските животни што ги ловат поларните мечки.

Студијата ги опфаќа три децении, од периодот „кога имаше значително губење на морскиот лед и кога оваа популација на поларни мечки почна повеќе да престојува на копно“, вели Роуд.

„Сакавме да дознаеме дали се променил нивото на изложеност, особено на некои од овие патогени за кои мислиме дека се претежно поврзани со копното“, вели таа.

Меѓу петте патогени кои почнале почесто да се појавуваат кај поларните мечки се два паразита што предизвикуваат токсоплазмоза (мачја болест) и неоспора канинум, две видови бактерии што можат да предизвикаат туларемија и бруцелоза и вирус што предизвикува штенечка болест.

„Мечките инаку се прилично отпорни на болести.

„Не беше вообичаено да се појавуваат во популацијата на мечките, но ова покажува дека нешто се менува на Арктикот“, објаснува Роуд.

Биологот Карин Роуд (со успиен поларен мечок) и нејзините колеги собрале примероци од крв за да го следат здравјето на животните.

Факти за поларните мечки

  • Во светот сега има околу 26.000 поларни мечки кои претежно живеат во Канада, а ги има и во САД, Русија, Норвешка и на Гренланд.
  • Меѓународната унија за заштита на природата ги означила поларните мечки како вид што е загрозен од истребување, а климатските промени се клучна причина за намалување на нивната популација.
  • Возрасните мажјаци можат да бидат до три метри долги и тешки речиси 600 килограми.
  • Можат да изедат до 45 килограми сало од морски животни за еден оброк.
  • Имаат силен осет за мирис и можат да го почувствуваат пленот на оддалеченост до 16 километри.
  • Одлични се пливачи и се забележани дури и до 100 километри од брегот. Можат да пливаат со брзина од 10 километри на час, делумно благодарение на кожицата меѓу прстите на шепите.

Во САД, поларните мечки се прогласени за загрозен вид, а научниците велат дека најголемата закана за нивниот опстанок е губењето на ледот од кој зависат, бидејќи го користат за лов.

Претходните истражувања во кои биле користени јаки со камери покажале дека кога мечките поминуваат поголем дел од годината на копно, кога нема лед од кој ловат, не можат да најдат доволно калории што им се потребни.

Поларните мечки се врвни предатори, истакнува Роуд.

„Нашата студија покажа дека се изложени на некои патогени пред сè преку пленот што го ловат.

„Промените што ги забележавме во изложеноста на поларните мечки на патогени укажуваат и на промени што се случуваат и кај други видови“, вели таа.

Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание PLOS One.

Слични содржини