(ВИДЕО) Пронајдени добро сочувани остатоци од мамут стари 50.000 години

од Milan1
27 прегледи

Во руската федерална единица Јакутија, откриени се исклучително добро сочувани остатоци од младенче мамут, чија старост се проценува на околу 50.000 години, како што изјави професорот Максим Чепрасов, раководител на лабораторијата на Музејот за мамути во Североисточен федерален универзитет во Русија.

„Во овој момент можеме да кажеме дека ова е еден од најдобро сочуваните остатоци од мамути пронајдени во светот досега… Вкупно досега во светот се пронајдени шест мамути, од кои пет се во Русија“, изјавил Чепрасов.

Според него, младенчето мамут го откриле локални жители во јуни годинава во Батагајка во областа Верхојан.

„Локалните жители беа на вистинското место во вистинско време. Видоа дека мамутот речиси целосно се одмрзнал. Се одмрзна до половината и се подели на половина под сопствената тежина и тежината на земјата што падна врз него. Предниот дел падна на дното на кратерот, а остатокот остана во замрзнатата земја“, објаснил Чепрасов.

Мештаните направија сè за да го зачуваат ова откритие, а предниот дел од кратерот длабок повеќе од 80 метри го излекоа со импровизирана носилка .

Во октомври, остатоците на младенчето мамут беа доставени во Јакутск, каде што започна прелиминарното генетско истражување во лабораторијата на Североисточниот федерален универзитет.

„Веќе ја знаеме геолошката старост на ова откритие, излегува дека е надвор од границите за радиолуцентна анализа. Стар е преку 50.000 години. Но, за да ја потврдиме оваа геолошка старост ќе извршиме вкрстени истражувања. Прелиминарната биолошка старост на младенчето е околу една година, можеби и малку повеќе, но попрецизно ќе се утврди по вкрстени студии“, истакнал Чепрасов.

Како и повеќето наоди на замрзнати остатоци од мамут, ова младенче веројатно паднало во мочуриште и на тој начин неговите остатоци биле зачувани неколку десетици илјади години.

По правило, делот што прво се одмрзнува, особено трупот, често го јадат грабливци или птици, па со овие остатоци предните екстремитети веќе беа изедени, но главата беше извонредно зачувана. Висината на младенчето мамут во гребенот е 120 сантиметри, должината е помала од два метри.

Слични содржини