(ВИДЕО): Проруските демонстранти го презедоа Собранието во Абхазија

од Milan1
37 прегледи

Демонстрантите во грузиската провинција Абхазија ја презедоа контролата врз парламентот, кабинетот на министри и зградите на претседателската администрација во главниот град Сухуми.

Тие ги закачија знамињата на Абхазија и Русија над влезот на парламентот, јави денеска Интерфакс.

Претходно, претставници на опозицијата за Интерфакс изјавија дека претседателот Аслан Бжанија ја напуштил зградата на претседателската администрација заедно со неговите стражари, додека медиумската служба на претседателот објави дека тој моментално се наоѓа во Сухуми и дека презема мерки за стабилизирање на ситуацијата.

Приврзаниците на опозицијата и полицијата во Абхазија денеска се судрија кога демонстрантите се обидоа да влезат во парламентот во главниот град Сухуми.

Полицијата формираше кордон за да ги спречи демонстрантите да продолжат кон зградата, откако ја урнаа оградата во близина на парламентот.

Во близина на зградата се слушнале звуци слични на истрели, пренесува РИА Новости.

Демонстрациите избија откако парламентот го откажа разгледувањето на ратификацијата на инвестицискиот договор со Русија, што беше закажано за тој ден. На таа одлука жестоко реагираше опозицијата, сметајќи дека одложувањето е чин на политичка отстапка под руски притисок.

Иако беше одлучено дискусијата да се одложи за следната недела, демонстрантите најавија дека немаат намера да се разотидат, а тензијата во главниот град ескалира.

Договорот, кој беше потпишан на 30 октомври во Москва, им овозможува на руските компании да инвестираат во Абхазија, која се соочува со сериозни економски предизвици, посочува агенцијата.

Шефот на комисијата за меѓународни односи на парламентот на Абхазија, Алкас Барциц, претходно изјави дека Абхазија, со оглед на нејзините економски тешкотии, нема да може да најде средства за обнова на клучните сектори во економијата без помош од Русија.

Слични содржини