На социјалните мрежи кружат видеа по падот на малиот авион кој се урна во центарот на туристичкиот град Грамадо на југот на Бразил. Станува збор за помал авион во кој имало 10 луѓе. Првичните информации покажуваат дека нема преживеани.
Авионот прво удрил во оџакот на зградата, а потоа во вториот кат од куќата, пред да удри во продавница за мебел, соопштија властите.
Според државната канцеларија за јавна безбедност на Рио Гранде до Сул, најмалку 15 лица се пренесени во болницата во градот, повеќето од вдишување чад од пожарот предизвикан од несреќата.
Остатоците од авионот стигнале и до блиската гостилница.
Сместено во планински регион, Грамадо е најпопуларната туристичка дестинација во бразилската држава Рио Гранде до Сул, која беше тешко погодена на почетокот на годинава од невидени поплави кои однесоа десетици животи, уништија инфраструктура и значително ја загрозија нејзината економија.