Виена постигна значителен напредок во справувањето со климатските промени. Емисиите на стакленички гасови се намалени за 31 отсто од 2005 година, од кои 11 отсто само во текот на 2023 година, што е над националниот просек, пишува klix.ba. Според податоците на Австрискиот институт за заштита на животната средина, најголемо намалување е забележано во секторите енергија, згради и сообраќај. Тоа се должи на намалената употреба на фосилни горива, транзицијата кон обновливи извори на енергија и значајните инвестиции во јавниот превоз и велосипедската инфраструктура.
„Заштитата на климата во Виена не е само план, туку реалност. Поставивме темели за амбициозни цели, со што го подобруваме квалитетот на воздухот и животот на повеќе од два милиони жители“, изјави градоначалникот на Виена, Мајкл Лудвиг. Целта на градот е да стане климатски неутрален до 2040 година.
Голем напредок е постигнат и во областа на греењето – се намалува употребата на гас, а сè повеќе објекти се префрлаат на обновливи системи за загревање. Во сообраќајот, потрошувачката на дизел е намалена, особено кај тешките товарни возила.
Од 2020 година, Виена го зголеми соларниот капацитет за пет пати и има цел да достигне 800 мегавати максимална моќност до 2030 година, што би задоволило околу една четвртина од потребите на домаќинствата. Истовремено, се трансформираат јавните простори, уредени се над половина милион квадратни метри нови зелени површини, меѓу кои и 18 нови паркови, со цел ублажување на урбаните горештини.
Во новите градби е забрането поставување системи за греење на фосилни горива, а програмата „Да се ослободиме од гасот“ се проширува, од 100 на 200 згради што ќе се префрлат на одржливи енергетски решенија. Виена, исто така, активно инвестира во кружната економија преку стратегијата „Град со нула отпад“, фокусирајќи се на рециклирање, поправка на производи и рационално управување со ресурсите.
Развива и стратегија за зачувување на биолошката разновидност, се формираат нови заштитени подрачја, како Паркот за биодиверзитет во Донаустат и природната оаза на местото на поранешниот двор за мерење во Брајтенли.
„Зелените проекти значат почист воздух, подобро здравје, пониски трошоци и подобар квалитет на живот. Тоа е вистинската моќ на зелената транзиција“, истакна Јирген Чернохоршки, член на градската влада за клима во Виена, според соопштението на Меѓународната канцеларија на градот Виена во Сараево.