Вкупно 1,5 милиони патници (1.529.451) опслужиле двата македонски аеродрома, во Скопје и Охрид, во првите шест месеци од годинава, а порастот во однос на истиот период лани изнесува околу 5 отсто, соопшти компанијата која стопанисува со аеродромите, турската „ТАВ“.
„ТАВ Македонија“ очекува стабилниот пораст на патничкиот сообраќај да продолжи и до крајот од годинава, а специјален позитивен стимул кој ќе придонесе кон годишните бројки на кумулативен авиосообраќај секако ќе има летниот период. Само во јуни, ккао што поосчува, скопскиот и охридскиот аеродром имале за 12% повеќе патници (324.285) во однос на истиот период во 2024 година.
Полугодишните статистички податоци покажуваат дека во првите шест месеци најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома „ИГА“ и „Сабиха Гокчен“ со 17,1% пазарен удел), а потоа следат Базел Милуз (6,6%), Франкфурт (5,7%), Цирих (5%) и Минхен-Меминген (4,6%), Дортмунд (4,5%) и Виена (3,9%).
Топ пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (26,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (22,6%), Швајцарија (11,6%), Италија (5,4%) и Шведска (4,2%).
Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле одделно, скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1,423,039 патници, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 10,9% со превезени 103.792 од јануари до јуни.