Владата на Либан денеска го обвини Израел за серијата симултани експлозии на пејџери во кои според последните податоци загинаа најмалку девет лица, а 2.800 се ранети, јави Си-Ен-Ен.
– Се работи за криминална израелска агресија, изјави либанскиот премиер Наџиб Микати на состанокот со министрите.
Според него, тоа е „сериозно кршење на либанскиот суверенитет и криминал од секаков вид“, пренесува државната новинска агенција ННА.
Министерот за информации Зајад Макари на прес-конференција во Бејрут изјави дека либанската влада стапила во контакт со Обединетите нации и други земји за „да повикаат на одговорност за ова злосторство кое продолжува“.
Израелската армија претходно денеска соопшти дека нема да коментира за инцидентите со пејџерите.
И Хезболах претходно го обвини Израел за експлозиите на пејџери низ Либан во кои беа повредени близу 3.000 луѓе и се закани со одмазда.
Откако ги испитавме сите „достапни информации за нападот што се случи попладнево, го сметаме израелскиот непријател целосно одговорен“, напиша милицијата поддржана од Иран на Телеграм.
– Овој предавнички и криминален непријател сигурно ќе добие праведна одмазда за оваа грешна агресија, нагласи групата.
Најмалку девет лица загинаа, а уште околу 2.800 се повредени, вклучително и членови на Хезболах, во сомнителни координирани експлозии на пејџери во неколку либански региони, главно во области под контрола на Хезболах, се вели во најновото соопштение на Министерството за здравство.
Извор близок до Хезболах изјави за ДПА дека детонациите, кои се случија во различни региони низ Либан, се голем „удар за безбедносниот апарат на Хезболах“.
Меѓу убиените е синот на пратеникот на Хезболах Али Амар, соопшти групата, додека синот на пратеникот на Хезболах Хасан Фадлала и синот на шефот на безбедноста на движењето Вафик Сафа се повредени.