Влатко Стефановски и неговото трио одржаа спектакуларен концерт во Белград

од Radmila Tasevska
331 прегледи

„Влатко Стефановски ја воодушеви белградската публика“, „Спектакуларен концерт на Влатко Стефановски во Белград“, „Вистински мастер клас на гитара, воодушеви со специјалниот гостин Раде Шербеџија“, „ Вечер на магија на гитара„ се дел од написите во белградските медиуми по синоќешниот концерт на Влатко Стефановски и неговото трио во МТС Двораната во Белград, јави дописникот на МИА од Белград, цитира Стандард лајф.

„Еден од најпрепознатливите гитарски виртуози во светот, Влатко Стефановски, со своето трио синоќа одржа незаборавен концерт во полната сала на МТС. По долго време, белграѓани имаа можност во живо да го слушнат одличниот инструменталист со бендот во целовечерната „гитарска магија“ што ја изведе за публиката на концертот кој траеше два и пол часа“, пишува ТВ Н1.

Белградска Политика објави дека „малку е да се каже дека публиката уживаше да биде понесена од звукот што го создаде Стефановски во уникатен музички израз со неговото трио (бас Иван Кукиќ, тапани Јан Стефановски и гитара Влатко Стефановски). Овој пат на триото му се придружи и гостинот на клавијатури, Дамир Имери“.

„Стефановски беше пречекан со громогласен аплауз. По краткиот вовед во кој ги поздрави белграѓани, веднаш засвире на гитара и го отвори концертот со песната „Skyhook“. Следеа „Македонско девојче“, а потоа „Кандилце“, „Верба надеж Љубов“, „Не сум твој“, „Бранова должина“, „Исток Запад“… Во изведбата на „Си заљубив“ им се придружи и специјален гостин – актерот Рада Шербеџија, на задоволство на публиката“, пишуваат Вечерни Новости.

Во вешти комбинации на стилови, по кои е познат, публиката доживеа врвна вештина на инструменти кои комбинираа џез, рокенрол, блуз, џез фјужн, како и македонска традиционална музика. Така на гитарите можеше да се слушне богато скроените ритми на песните „Џипси сонг“, „Femme fatale“, „Зајди, Зајди“, а посебен транс публиката доживеа со изведбата на песните „Чувам ноќ од будни“ и „Као Какао“ од истоимениот албум од 1987 година на познатата група Леб и сол, чиј основач е Стефановски, додаваат белградските медиуми.

„Благодарам многу, навистина сте извонредна публика. Екипата на МТС Дворана беше исклучителен домаќин, нека не пуштат да свираме уште малку, имаме уште неколку пар асови во ракавите, го најави дополнителното време Стефановски“, пишува Телеграф.

Концертот го заврши со поздравување на белграѓани и на самиот крај свирејќи ги „Скопје“, „Бистра вода“, „Абер дојде Донке“ и „Учи ме, мајко, карај ме“.

Влатко Стефановски во пресрет на концертот гостуваше на ТВ Нова каде кажа дека неизмерно се радува на концертот во Белград.

„Секако дека сум среќен бидејќи свирев во таа сала на почетокот на мојата кариера кога тоа беше Дом на синдикати. Неодамна свирев исто и видов дека се е реновирано. Со нетрпение чекам да дојдам, со нетрпение го очекуваат и момците кои свират со мене. Патувавме многу, свиревме, имавме извонредна сезона. Би ги повикал сите фанови на концертот и сите оние кои слушаат малку поинаква музика од она што редовно се слуша во медиумите“, рече Стефановски.

Слични содржини