СДСМ продолжува со своите правно неаргументирани и неиздржани пријави базирани на манипулации, до Јавното обвинителство, со цел да ја дефокусира јавноста од скандалозното и деструктивно сценарио што го спроведува Зоран Заев, се вели во пишаната реакција на ВМРО – ДПМНЕ на денешната прес-конференција на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека денес таа задача да парадира пред камерите му беше доверена на Дамјан Манчевски, човекот кој јавноста го знае по две работи – првата е аферата со паркинзите во Куманово, каде неговата фирма доби тендер од околу 400 илјади евра од неговиот сопартиец и градоначалник на Куманово, и второ по тоа што за најголем свој успех го смета фактот дека е десна рака на Радмила Шекеринска и аминџија на сите нејзини погубни политики.

– Ете со ваков човек СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста. СДСМ наместо да прави алиби за штетата која и ја нанесува на Македонија и на граѓаните, треба да одговори на десетиците прашања кои јавноста ги има кон нив, а се поврзани со секојдневните лаги кои ги пласираат и сами си ги демантираат, стои во реакцијата.

Нивното сценарио, според ВМРО-ДПМНЕ, е целосно разобличено.

– На сите им е јасно дека СДСМ направи крајно низок обид да се добере до власт по секоја цена, без поддршка од народот, без избори, користејќи креирани и сечени материјали добиени на криминален начин од некој кој не и мисли добро на Македонија. Ете ова е вистината за СДСМ и нејзините деструктивни политики кои кај граѓаните воопшто не поминуваат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ./МИА

Слични содржини