„Овој проект е многу скап за град Скопје. Два метра под моменталните дрвја, оди главната водоводна цевка за Скопје и при откорнување на дрвјата може да дојде до нејзино оштетување и пукање. Така откорнатите дрвја ќе се уништени и за ново зеленило ќе треба да се купуваат нови дрвја“, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ за воведувањето на Бас рапид транзит (БРТ) или автобуското метро.
Според нив, дополнително неуко е зголемено растојанието на автобуските станици, и се организира превозот како Скопје да е полунаселен град.
„Со вака поставен систем се создава проблем и при излегувањето и влегување на патниците во автобусите на БРТ имено кога ќе излегуваат од автобуската станица мора да има надпатници, за да можат да поминат на пешачка зона. Системот за сообраќање на БРТ автобусите е неефикасен затоа што автобусите ќе се движат на секој 3 минути со што во голем дел од временските интервали по шпиците ќе бидат празни и ќе оперираат со мал број на луѓе“, се додава во партиското соопштение.
На денешната презентација, градоначалникот Петре Шилегов кажа дека дрвјата кои сега се наоѓаат во жардинерите нема да се исечат туку ќе се пресадат, а со решението ќе се дуплира зеленилото бидејќи ќе бидат изведени зелени коридори од двете страна на трасата каде ќе минуваат возилата од БРТ.
„Јас сум горд што Град Скопје почнува да го реализира овој проект кој ќе има сериозен импакт во намалување на загадувањето. Ќе направиме сè да го зачуваме зеленилото. Сега на овој потег има 7.759 садници и билки, а со новото решение ќе го дуплираме зеленилото и ќе има 15.000 садници“, рече Шилегов.
Професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола, каде што држи настава по предметите Јавен градски превоз и Урбани транспортни системи, кој магистрирал и докторирал во САД, беше категоричен дека Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредување на јавниот превоз.