Четврти ден по ред се водат борби меѓу припадниците на Исламската држава и курдските сили, поддржани од меѓународната коалиција во североисточна Сирија, во кои има најмалку 136 загинати.
Борбите почнаа во четвртокот вечерта со напад на екстремистичката група ИД врз затворот Гујран, еден од најголемите каде се држат екстремистите во Сирија, и принуди илјадници цивили да ги напуштат своите домови. Започна со напад на околу стотина борци на ИД за да ги ослободат своите другари кои се чуваат во тој затвор под контрола на Курдите во регионот Хасака. Ова е најголемиот напад на ИД од нејзиниот пораз во Сирија во 2019 година од Сириските демократски сили, каде курдските сили се најбројни, со поддршка на меѓународната анти-екстремистичка коалиција предводена од САД.
Според Сириската организација за човекови права, 84 екстремисти, 45 курдски борци, како и седум цивили, биле убиени во четиридневниот конфликт во затворот и околу него.
Сириските демократски сили потврдија во соопштението дека борците на ИД во затворскиот комплекс повеќе не можат да избегаат откако нивните членови го блокираа секторот.
Според невладината органзиација, Сириските демократски сили го обезбедиле речиси целиот сектор и голем дел од затворите, освен неколку ќелии. Тие се поддржани од авијацијата на меѓународната коалиција.
Сириските демократски сили се распоредени во голем број околу затворот, трагајќи по екстремисти и ги повикуваат цивилите да го напуштат секторот.
Според локалните курдски власти, илјадници луѓе ги напуштиле своите домови во близина на затворот.