Десетина лидери на земјите од Европа, ЕУ и НАТО пристигнаа во понеделникот во Елисејската палата на итен состанок за Украина и одбраната, додека американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува директно да разговара со шефот на руската држава Владимир Путин.
Средбата се одржува на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, кој телефонски разговарал со Трамп пред собирот во Париз, соопшти Елисејската палата.
Неколку лидери од клучните европски земји, вклучително и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск, му се придружија на Макрон во Елисејската палата на набрзина свикана средба попладнево. Учествуваат и лидерите на шпанската, италијанската, холандската и данската влада, ЕУ и НАТО.
Макрон ја организираше средбата за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа.
Средбата беше договорена за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да се обидат да постигнат билатерално мировно решение.
„Безбедноста на Европа е на пресврт“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по нејзиното пристигнување во француската престолнина, каде што е присутен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Непосредно пред почетокот на разговорите, Емануел Макрон разговараше телефонски со Трамп, кој сееше раздор во Европа со разговорот со Владимир Путин минатата недела за да започне големи дипломатски акции поврзани со војната во Украина.
Особено што американскиот пратеник Кит Келог, кој во четврток ќе замине за Украина, јасно стави до знаење дека Вашингтон не сака Европејци на преговарачка маса.
Кризниот состанок во понеделник ги отвора дипломатските активности кои ќе продолжат со американско-руските преговори закажани за вторник во Саудиска Арабија, каде што пристигна американскиот државен секретар Марко Рубио.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ќе отпатува во Саудиска Арабија во среда, откако предупреди дека неговата земја „нема да признае“ каков било договор постигнат без Украина.
Премиерот Стармер рече дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Вашингтон „следната недела“.
Кремљ го поздравува вонредниот самит за Украина во Париз
Русија го поздрави вонредниот самит за војната во Украина организиран од францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во Париз.
Би било добро разговорите меѓу европските лидери да бидат за ставање крај на конфликтот, а не за негово продолжување, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, цитиран од руската новинска агенција „Интерфакс“.
Русија постојано тврдеше дека војната, која ја започна пред речиси три години, се продолжува со испраќање на западно оружје во Украина.
Песков го нарече „тешко“ прашањето за можното распоредување на европски мировни сили во Украина, за кое моментално се разговара во Франција и Велика Британија, бидејќи во него ќе бидат вклучени вооружени сили од земјите-членки на НАТО.
Постојат правила за такво распоредување, нагласи портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Но, досега немаше конкретни разговори за ова“, рече Песков.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави во неделата дека е подготвен да испрати војници во Украина доколку се покаже дека е неопходно за да се обезбеди безбедноста на Велика Британија и Европа.
Но, неколку лидери на европските земји рекоа дека е премногу рано да се разговара за таква одлука.