Оваа активност исто така ја одбележа 15-годишнината од усвојувањето на Законот за заштита од дискриминација во Албанија, кого на средбата го презентираше Комесарот Гајда.
На средбата се обрати и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, кој меѓу другото оцени дека Комесарот за заштита од дискриминација е институцијата одговорна за гарантирање на еднакви права и спречување на секоја форма на дискриминација во Албанија.
„Сепак, посочив дека за македонската заедница, оваа институција често не успеваше да ја исполни својата должност на непристрасен и ефикасен начин. И покрај бројните претставки поднесени од македонската заедница, особено оние поврзани со дискриминацијата извршена од разни функционери, Комесарот покажа селективен пристап, не обработувајќи ги овие случаи со соодветна сериозност“, рече Стерјовски.
Додал дека дискриминацијата против малцинствата не смее да се толерира, и оваа институција мора да има храброст да го истражува секој случај, без политички или етнички влијанија.
„Еден од најголемите неуспеси на Комесарот за заштита од дискриминација беше и неговото неделување во однос на отворените обиди на Бугарија за асимилација на македонската заедница во Албанија. За време на пописот во 2023 година, имаше јасна и организирана интервенција од бугарската држава со цел манипулација на процесот на самоидентификација на Македонците. Партијата Македонска алијанса за европска интеграција реагираше во повеќе наврати, како во медиумите така и со официјални писма до албанските институции, барајќи заштита од овој агресивен притисок. За жал, Комесарот не презеде никакви конкретни чекори за да ја истражи и спречи оваа надворешна интервенција за правата на македонската заедница“, посочил тој.
Исто така, вели Стерјовски, кажав дека институција која не ги заштитува правата на сите граѓани, без разлика на етничката или политичката припадност, ја губи својата доверливост и легитимитет.
„Нагласив дека комесарот за заштита од дискриминација мора да биде независен, храбар и посветен на обезбедувањето на вистинска еднаквост за сите заедници во Албанија, вклучувајќи ја и македонската“, рече Стерјовски за МИА.
На настанот, покрај други учесници, присуствувале претставници од Канцеларијата на Советот на Европа, претставници од Народниот Правобранител, заменик-градоначалникот на Општина Пустец, Атанас Плоча.