Пекарниците во Штип се соочуваат со недистиг на квалификуван кадар. Николче Малинов, кој има своја пекарска работилница вели дека оние кои го знаат пекарскиот занает веќе си заминале, па се принудени да вработуваат лица, кои мора да ги обучуваат.

– Во последно време младите не се заинтересирани за да го научат пекарскиот занает, едноставно не пројавуваат интерес, па ние мора да се свртиме кон оние луѓе и во повозрасни години, кои сакаат да работат, не планираат да ја напуштат државата. Морам да кажам дека и тие се добри работници, кој сака ќе го научи занаетот и на тој начин се снаоѓаме со недостиг на кадар, вели Малинов.
Тој забележува дека малите и средните пекарници немаат средства за да инвестираат во нови машини, за разлика од поголемите.
– Знаеме дека пекарството се работи ноќе и затоа е и подобро платено. Ние платите ги зголемивме на вработените и на пекарите, кои се добри мајстори. Знаеме дека најдобро платени во Штип се мајсторите за бурек, чии плати се движат од 400 до 500 евра, вели Малинов.
Во Штип има четири пекари, кои произведуваат леб и бели пецива, а бурекџилници има околу 20. Сопствениците на пекарските работилници и на бурекџилниците имале состанок со цел да ја изедначат цената на бурекот и белите пецива со останатите градови, со цел да ги покриваат трошоците и да работат рентабилно.