Во Словенија укинато ограничувањето за точење гориво

Во моментов, просечната малопродажна цена на бензинот во Словенија изнесува околу 1,58 евра по литар, додека за литар дизел гориво потребно е да се издвојат приближно 1,70 евра

од Кристијан Димков
7 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/HRT vijesti

Владата на Република Словенија во понеделникот донесе одлука за укинување на ограничувањето за точење гориво на бензинските пумпи, откако беше проценето дека состојбата на пазарот на нафтени деривати се стабилизирала.

Одлуката за укинување на уредбата со која беше ограничена максималната дневна количина продадено гориво по поединечно продажно место стапи на сила веднаш по нејзиното усвојување, пренесува STA.

Овие ограничувања беа во сила од 22 март, а владата ги воведе како привремена мерка со цел ублажување на нарушувањата во снабдувањето и спречување на недостиг.

Од словенечката влада наведуваат дека моменталните залихи и динамиката на испорака на енергенсите се задоволителни, со што престанале причините за понатамошна примена на рестриктивните мерки.

Во моментов, просечната малопродажна цена на бензинот во Словенија изнесува околу 1,58 евра по литар, додека за литар дизел гориво потребно е да се издвојат приближно 1,70 евра.