Повеќе од 430 луѓе починаа од колера во Судан во изминатиот месец, а над 14.000 беа заразени, соопшти денеска Министерството за здравство. Во соопштението се вели дека властите прават сè што можат „во услови на зголемување на бројот на заразени“.
Лекувањето во погодените области е многу комплицирано поради граѓанската војна во Судан, изјави специјалниот претставник на САД за Судан, Том Периело. Организацијата „Лекари без граници“ извести дека нивната работа „редовно е попречувана од двете завојувани страни, па хуманитарниот одговор останува многу под потребното ниво“.
Колерата е болест што брзо се развива и е многу заразна. Може да предизвика дијареја, дехидрација и смрт. Според Светската здравствена организација (СЗО), релативно лесно се лекува, но потребно е тоа да се направи брзо.
Министерот за здравство Хаитам Мохамед Ибрахим прогласи епидемија на колера во средината на август.
Покрај војната, обилните дождови и поплавите придонесоа за епидемијата која се влоши поради гужвите во камповите за раселени лица.