Една неодамнешна студија објавена во списанието „Physics of the Dark Universe“ претставува фасцинантна теорија на двајца космолози, Дејан Стојковиќ и Де-Чанг Даи, кои го претпоставуваат постоењето на „исконски црни дупки“ (PBHs), микроскопски, но исклучително густи ентитети, наводно формирани веднаш по Биг Бенг, во најраните фази на развој на универзумот. За разлика од класичните црни дупки создадени од колапсот на ѕвездите кои умираат, „PBHs“ можеле да се формираат во густи области на вселената уште пред да постојат ѕвезди и галаксии.
Научниците веруваат дека овие минијатурни црни дупки би можеле да се најдат не само во длабоките делови на вселената, туку и на Земјата, минувајќи низ предмети во нашите домови, дури и низ човечки тела без ние воопшто да ги забележиме.
Според теоријата на Стојковиќ и Деј, овие ситни црни дупки имаат способност микроскопски да тунелираат низ цврсти предмети. На пример, PBH со маса од околу 9,98×10 на 18 килограми може да пробие тунел широк само 0,1 микрон низ карпата. Ако таква дупка влезе во небесно тело со течно јадро, како што е планета или астероид, таа може полека да го исцица неговото јадро додека не остане како празна обвивка. Иако идејата за мини црни дупки во нашите домови е возбудлива и малку страшна, се чини дека нема причина за паника.
Огромната гравитација во центарот на црните дупки
Многумина би се запрашале: ако овие мини црни дупки можат да дупчат низ карпите, зарем не би можеле да го скршат и човечкото тело? Одговорот е – веројатно не. Според научниците, големата брзина на PBH го спречува ослободувањето на премногу кинетичка енергија, додека ниската напнатост на човечкото ткиво овозможува таквата дупка да помине низ телото без никакви оштетувања.
Црните дупки, инаку, се региони во вселената со толку силна гравитација што ништо, дури ни светлината, не може да ја избегне нивната сила. Тие се формираат кога масивните ѕвезди го достигнуваат крајот на нивниот животен циклус и колабираат под сопствената гравитација, формирајќи еден од најекстремните феномени во универзумот. За време на експлозијата наречена супернова, ѕвездата се распаѓа и ако остатокот од ѕвездата има доволно маса, ќе се сруши во една точка, формирајќи црна дупка.
Во самиот центар на црната дупка се наоѓа точка наречена сингуларност, каде што густината е бескрајно голема, а гравитацијата и искривувањето на простор-времето се бесконечни. Законите на физиката какви што ги знаеме не важат во овој регион.
Црните дупки можат да бидат со различни големини. Малите (микроскопски) црни дупки имаат маса неколку пати поголема од масата на Сонцето, додека супермасивните црни дупки можат да имаат милиони или дури милијарди пати поголема маса од Сонцето и често се наоѓаат во центрите на големите галаксии.
Во близина на црна дупка, времето минува побавно во споредба со места далеку од нејзината гравитација. Овој феномен е познат како „гравитациско забавување на времето“ и е докажан со експерименти со атомски часовници.
Црните дупки не испуштаат светлина, но можеме да ги „видиме“ индиректно. На пример, ако црна дупка е во близина на ѕвезда или друг објект, таа може да ја вшмукува материја од тој објект. Оваа материја се загрева и емитува рендгенски зраци кои можеме да ги откриеме. Исто така, преку ефектите што црните дупки ги имаат врз нивната околина, како што е свиткување на светлината или брзото движење на други небесни тела, индиректно можеме да заклучиме дека црна дупка се наоѓа во таа област.
Црните дупки се еден од најпознатите и најфасцинантните феномени во астрофизиката, иако остануваат мистериозни, а многу аспекти сè уште се предмет на интензивно истражување.