Кризата на Блискиот Исток и ограничувањето на поминувањето низ Ормускиот теснец досега ги чинеле земјите од Персискиот Залив повеќе од 50 милијарди долари, наведува турската агенција „Анадолу“, повикувајќи се на анализа на истражувачкиот центар за енергетика ТЕСПАМ од Анкара.
Во периодот од 27 февруари до 30 март, извозот на нафта од Иран, Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин се намалил за 36,4 проценти, на 7,833 милиони барели дневно, покажува анализата за влијанието на ограничувањата во Ормускиот теснец врз земјите од регионот.
Пред почетокот на конфликтот, овие земји извезувале 12,3 милиони барели дневно, наведува ТЕСПАМ.
Од почетокот на војната, земјите од регионот изгубиле 15,3 милијарди долари приходи од нафта поради намалениот извоз, пренесува „Анадолу“ од резултатите на анализата.
Кога ќе се вклучат и нарушувањата на пазарот на течен природен гас (LNG), поморскиот сообраќај, оштетувањата на енергетската инфраструктура и проблемите во други сектори, вкупните загуби на земјите од Персискиот Залив надминуваат 50 милијарди долари, покажува анализата на турскиот истражувачки центар.
Покрај енергетските пазари, конфликтот ја забави и регионалната економија, влијаејќи врз производството, инфраструктурата, логистиката, трговските рути, финансискиот сектор и туризмот, наведува „Анадолу“.
„Најголеми губитници во оваа криза се извозниците од Персискиот Залив, азиските увозници на нафта и LNG, танкерските превозници и земјите што зависат од трговијата преку Ормускиот теснец“, изјави за „Анадолу“ директорот на ТЕСПАМ, Огузан Акјенер.
Истовремено, на значење добиваат нафтата од Централна Азија, гасот од источниот Медитеран, африканското производство на нафта, како и американскиот LNG, истакна Акјенер.
„Со други зборови, глобалниот енергетски систем сè повеќе се дели и се поларизира“, заклучи тој, предупредувајќи на нов енергетски поредок.
Иран, по американско-израелските напади, презеде контрола врз Ормускиот теснец и го забрани транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници, со што дополнително се зголеми геополитичката напнатост.
Иранските власти тврдат дека теснецот не е целосно затворен, нагласувајќи дека бродовите од „пријателските“ земји можат да поминуваат во координација со морнарицата, што укажува на селективен режим на премин.
„На земјите што ги сметаме за пријателски им дозволивме премин низ Ормускиот теснец – Кина, Русија, Индија, Ирак и Пакистан“, изјави минатата недела иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, според агенцијата „Тасним“.
Ирак, сосед на Иран во Персискиот Залив, пред војната извезувал 3,4 милиони барели нафта дневно, а приходите од нафта му сочинуваат дури 90 проценти од државниот буџет.