Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф може да отпатува во Русија во среда или четврток (6 или 7 август), пред истекот на новиот ултиматум до Русија да преземе чекори за прекин на војната или да се соочи со санкции насочени кон нејзиниот извоз на нафта.
Трамп се закани дека САД ќе воведат санкции ако Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок.
„Ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите. Тие се лукави и знаат како да управуваат, па ќе видиме што ќе се случи“, изјави Трамп пред новинарите во неделата, според Ројтерс.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин изјави во саботата дека условите на Москва за прекин на војната, кои ги претстави минатото лето, не се променети.
Порано оваа недела, Трамп драматично го скрати својот првичен 50-дневен рок за Русија и Украина да постигнат мировен договор на само десет дена, предупредувајќи дека ако тоа не се стори, тоа ќе резултира со тешки казни, потенцијално вклучувајќи 100-процентни царини и секундарни санкции насочени кон руските трговски партнери.
Ова ќе биде четврта посета на Виткоф на Русија од почетокот на годината. За време на неговата последна посета на 11 април, Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Санкт Петербург, каде што разговараа за можни решенија за конфликтот во Украина.
Претходно, на 13 март, Виткоф беше во Москва, каде што одржа состаноци со високи функционери, а вечерта беше примен од Путин во Кремљ. Во таа прилика, американскиот дипломат пренесе дополнителни информации во врска со ситуацијата во Украина, додека Путин, според изворите, испратил „сигнали“ до американската страна преку својот соговорник.
Првата посета на Виткоф на Русија оваа година се одржа на 11 февруари. Во тоа време, фокусот на разговорот беше размената на притворени граѓани, а особено случајот со американскиот државјанин Марк Фогел, кој беше осуден за шверц и поседување дрога.