Јорданската армија денеска соопшти дека војниците убиле 27 лица осомничени за шверц на дрога. Се наведува дека тие се обиделе да влезат во земјата од соседна Сирија.
Според веб-страницата на јорданската армија, неколку лица биле ранети во одвоени акции кои спречиле обиди за шверц на дрога во Јордан од Сирија, а запленети се и големи количества наркотици, пренесува АП.
Армијата посочи дека решително ќе продолжи да се бори против секој обид за шверц и да ги штити границите.
Претходно овој месец, јорданската армија објави дека еден офицер е убиен во престрелка со шверцери долж долгата граница со Сирија.
Во Јордан има повеќе од 650.000 сириски бегалци кои побегнале од граѓанската војна која таму беснее повеќе од една деценија.
Во септември, сириските и јорданските власти разговараа за безбедноста на границата откако сириските владини сили ги окупираа областите долж границата што ги држат бунтовниците.