Шведскиот производител на автомобили „Волво Карс“ соопшти во вторник дека ќе отпушти околу 3.000 вработени, главно од административниот сектор во Шведска, како дел од програмата за штедење и ликвидност.
„Автомобилската индустрија поминува низ предизвикувачки период. Треба финансиски да зајакнеме и трајно да ги намалиме трошоците, но исто така да продолжиме да го развиваме талентот потребен за нашите амбициозни идни цели“, рече извршниот директор на „Volvo Cars“, Хокан Самуелсон.
Компанијата, во сопственост на кинескиот „Џили Холдинг“, нагласува дека овие мерки се дел од долгорочна стратегија и дека останува посветена на транзицијата кон целосно електрични возила, пренесува CNBC.
Волво, исто така, ги повлече своите финансиски прогнози за 2025 и 2026 година, наведувајќи ги зголемените трговски ризици и неизвесностите на пазарот.
Компанијата нагласува дека „тешките, но неопходни“ одлуки за отпуштање на вработени се клучни за компанијата да остане конкурентна и да ги исполни своите стратешки цели во иднина.
„Волво Карс“ неодамна објави дека продажбата во април се намалила за 11 проценти на годишно ниво на 58.881 возила, делумно поради слабата побарувачка за електрични возила (EV).
Самуелсон, презентирајќи го извештајот за првиот квартал од 2025 година, изјави дека автомобилската индустрија е во средината на многу тежок период, со предизвици какви што никогаш порано не се видени.