Израелскиот кабинет за безбедност ги одобри плановите на владата на Бенјамин Нетанјаху, кои вклучуваат целосно освојување на Газа и држење на територијата под контрола на израелските војници.
Оваа информација беше потврдена за израелските медиуми од еден од официјалните лица во понеделник наутро и тој нагласи дека кабинетот за безбедност едногласно го одобрил планот за проширување на операциите во Газа.
„Се очекува да се спроведе дури по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на регионот следната недела, а дотогаш ќе продолжат напорите за постигнување примирје и договор за заложници со Хамас“, се вели во него.
Планот, за кој официјалниот претставник рече дека во понеделник го презентирал началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, предвидува „освојување на Газа и задржување на териториите“. Функционерот рече дека Израелските одбранбени сили ќе ја преземат контролата врз територијата во Газа, ќе го преместат цивилното население кон југ, ќе го нападнат Хамас и ќе ја спречат терористичката група да ја преземе контролата врз хуманитарната помош.
Планот, како што истакнува еден од службениците, е постепен и прво ќе се фокусира на одредена област во рамките на Појасот, пред да се прошири на други места.
За време на состанокот, владата, исто така, одобри влез на хуманитарна помош во Газа и нејзина идна дистрибуција преку цивилни компании.
Десничарскиот израелски министер Итамар Бен-Гвир се спротивстави на овој предлог.
„Не разбирам зошто треба да им даваме хуманитарна помош. Тие имаат доволно храна таму. Треба да ги бомбардираме складиштата за храна на Хамас“, рече тој.