Глобалното затоплување влијае на нашата планета на многу различни начини, но една од промените што ги предизвикува е нешто што малку луѓе го разгледале. Една нова студија покажа дека топењето на мразот на половите на Земјата го менува начинот на кој планетата се врти околу својата оска, а со тоа и начинот на мерење на времето.
Часовите и минутите кои ни ги диктираат деновите се одредени од ротацијата на Земјата. Сепак, оваа ротација не е константна и во голема мера зависи од тоа што се случува на површината и во јадрото на нашата планета.
Овие мали, но значајни промени повремено бараат да се додаде „престапна секунда“ на часовниците, што звучи незначително, но всушност остава голема трага на компјутерските системи.
Со текот на годините се додадени многу секунди, но по долгорочниот тренд на забавување, ротацијата на Земјата сега повторно се забрзува поради промените во нејзиното јадро, што создава потреба за „одземање“ на секунда за прв пат.
Такво нешто никогаш не било тестирано, па проблемите кои би можело да ги предизвика ваквото временско поставување кога се во прашање современите технологии се сосема непредвидливи.
Работата дополнително се усложнува со глобалното затоплување, односно топењето на мразот на половите на Земјата, што предизвикува промени во ротацијата на Земјата, што го поместува планираното воведување на негативната престапна секунда од 2026 до 2029 година, се вели во новото истражување.
Како топењето на мразот влијае на нашите денови?
Потребна е голема маса за да се промени ротацијата на Земјата, а откритието на геофизичарот Данкан Егњу од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего е тажен потсетник за тоа колку е сериозна климатската криза.
Долгорочните промени во ротацијата на Земјата се предизвикани од триење меѓу плимата и осеката и дното на океанот, што ја забавува ротацијата на планетата околу нејзината оска. Меѓутоа, неодамна топењето на мразот на половите, кое е предизвикано од употребата на фосилни горива, стана значаен фактор. Како што мразот се топи во океанот, водата се прераспределува во океанот од половите до екваторот, што дополнително ја забавува стапката на ротација на Земјата.
Научниците го споредуваат овој процес со клизачка што се врти по својата оска со кренати раце над главата. Како што ги спушта рацете, нејзиното вртење се забавува.
Топењето на мразот на половите предизвика доволно забележлива промена во ротацијата на Земјата, што е без преседан, вели Егњу.
„Фактот што луѓето успеаја да ја променат ротацијата на планетата е некако фасцинантен за мене“, изјави научникот за CNN.
Во исто време, постојат и други сили кои влијаат на мерењето на времето, а тоа се процесите во јадрото на Земјата.
Течното јадро ротира независно од цврстата надворешна обвивка, а ако јадрото се забави, цврстата обвивка забрзува за да го одржи моментумот, а токму тоа се случува во моментов, објаснува Егњу.
Знаеме многу малку за тоа што се случува на 3.000 километри под површината, па не знаеме зошто се менува брзината на јадрото, но она што го знаеме кога ќе се земат предвид сите фактори е дека ротацијата на Земјата се забрзува.
Ова прво предизвика потреба да се одземе секунда.
Порамнување на универзалното време со земјината ротација
Координирано универзално време е систем заснован на стотици атомски часовници на кои се прилагодени сите други часовници.
Иако мислиме дека еден ден трае 24 часа, на Земјата не и треба секогаш истото време за да направи целосен круг околу својата оска, а тоа е приближно 23 часа и 56 минути. Затоа агентите на Меѓународната служба за ротација и референтни системи на Земјата додаваат секунда од време на време, така што универзалното време е совршено усогласено со меѓународното атомско мерење.
Последната „прескокната“ секунда ја добивме на новогодишната ноќ, 31 декември 2016 година, и го усогласи сончевиот ден со универзалното време.
Сепак, овој пат имаше потреба од негативна престапна секунда, бидејќи во 2022 година Земјата го имаше најкраткиот ден измерен досега.
Новото прилагодување ги загрижува некои техничари, бидејќи многу системи сега имаат софтвер кој може да ја прифати дополнителната секунда, но многу малку дозволуваат одземање на секунда.
Системот за престапна секунда беше воведен во раните 1970-ти, кога ротацијата на Земјата беше најсигурниот начин за мерење на времето. Сепак, тоа не е случај неколку децении, па дури се зборуваше за прекин на врската помеѓу универзалното и атомското време. Егњу сугерира дека општеството едноставно повеќе не дозволува негативна престапна секунда, бидејќи ако не го спречиме глобалното затоплување, според постоечките проценки, промените во ротацијата на Земјата ќе станат поизразени.
„Глобалното затоплување и мерењето на времето се неверојатно поврзани, а може да бидат уште повеќе во иднина“, заклучува научникот.
Неговите наоди беа објавени во научното списание „Nature“.
Vlatko