Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ соопшти дека осомничениот за газење студентка на улицата „Рузвелтова“ е пронајден во рок од 15 минути од извршувањето на кривичното дело и дека се работи за лице кое претходно седум пати било осудувано за различни кривични дела.
Дачиќ изјавил дека во рок од 10 минути полицајците го пронашле возилото кое удрило и соборило девојчето на улицата „Рузвелтова“. Возачот го напуштил местото на настанот во правец на Богословијата. Пет минути подоцна и 15 минути по настанот полицијата го пронашла возачот на Фордот и уште две лица кои биле во возилото со него, од кои едно малолетно, се вели во изјавата на Дачиќ.
„Веднаш се приведени во полициска станица, а возачот М.П.(1987) е приведен и итно ќе биде предаден на надлежниот обвинител за понатамошно постапување, кој делото го оквалификува како тешко убиство во обид“, се вели во соопштението.
Се додава дека осомничениот и претходно бил евидентиран како сторител на различни кривични дела и седум пати бил осудуван.
Министерството за внатрешни работи ги повика сите да го почитуваат Законот за јавни собири и Законот за безбедност во сообраќајот.
Дваесетгодишната студентка по право, која беше удрена со автомобил „Форд Фокус“ при блокада на улицата Рузвелтова, била примена во Ургентниот центар со тешки повреди. Како што информираат од Клиничкиот центар таа е свесна и во стабилна општа здравствена состојба, пренесува Нова.рс.