Вработени во ЗОО Скопје под епидемиолошки надзор поради птичји грип: Јавноста очекува препораки

од Илинка Илиоска
134 прегледи

Вкупно 16 вработени во Зоолошката градина во Скопје биле подложени на епидемиолошко истражување од Институтот за јавно здравје поради потврден случај на птичји грип. По завршувањето на анкетите, ќе се утврди кои од вработените имале близок контакт со заразените птици и тие ќе бидат ставени под здравствен надзор, објави Слободен Печат.

Институтот за јавно здравје и АХВ веќе потврдија дека птичјиот грип е лабораториски утврден откако една гуска угинала во Зоолошката.

АХВ попладнево соопшти дека влез и излез на животни од зоолошката градина е забранет, ограничено е движењето на луѓе (посетители) во зоолошката градина, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на Птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители.

Според правилниците и протоколите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Институтот за јавно здравје, мерките против птичјиот грип, како што е авијарната инфлуенца, траат до 4 недели. Ова е неопходно бидејќи птиците лесно се движат и може да заразат други во блиските области, како што е Градскиот парк.

Според документите достапни на веб страниците на АХВ и ИЈЗ, се дефинираат „контакт зони“ – подрачја каде што птиците можеле да бидат во контакт со заразените и кои треба да бидат надгледувани.

Земајќи предвид дека ЗОО Скопје е во централното градско подрачје и опкружена со парк низ кој секојдневно циркулираат голем број граѓани, јавноста е во исчекување ИЈЗ и АХВ да излезат со јасни препораки дали покрај вработените во Зоолошката градина кои биле во контакт со птиците, треба да бидат загрижени или да се испитаат и други лица.

Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца во Македонија беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.

Авијарната инфлуенца или птичjи грип е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ од фамилијата Orthomyxiviridae, која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина. Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви затоа на глобално ниво се спроведуваат мерки за надзор, следење, појава и карактеристика на вируси на птичји грип кај дивите птици иако поголемото мнозинство на овие вируси не предизвикува болест.

Лекари веќе ја смируваат јавноста велејќи дека нема потреба од паника и дека само треба да се делува стручно и организирано.

Птичјиот грип, предизвикан од H5N1, е вирусна инфекција која главно се пренесува од птици на луѓе.
Главниот ризик за инфекција произлегува од контакт со болни или мртви птици, како и од површини контаминирани со нивните измет или плунка.

Леталноста кај човечките случаи е висока, со стапка над 50%, а во некои случаи достигнува и до 90%.
Иако преносот од човек на човек е многу редок, постои загриженост за потенцијалната способност на вирусот да се адаптира и да се шири помеѓу луѓето.

Симптомите кај луѓето можат да варираат од благи до тешки, најчести симптоми вклучуваат:
кашлање, треска, замор, главоболка и болки во мускулите или телото, ринореја, отежнато дишење…
Неретко и конјунктивитис (воспаление на очите) како симптом. Инкубацијата на вирусот обично трае од 18 до 72 часа

Луѓето не може да се заразат со птичји грип преку јадење термички обработено пилешко месо. Кога пилешкото месо се готви на најмалку 70°C се уништуваат вирусите и бактерии, вклучително и H5N1. Но, важно е да се следат хигиенските мерки при ракување и подготовка на храната.

И.И.

Слични содржини