Враќање од одмор со ужасен крај: Маж ја оставил повредената сопруга покрај патот по тепачка во автомобил

од Илинка Илиоска
128 прегледи

Четириесет и деветгодишната С.М. од Република Србија вчера била пронајдена повредена на автопатот Демир Капија – Неготино, соопшти Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес.

Жената, со повреди на телото, била пронајдена синоќа во 19:50 часот од страна на полициски службеници од Одделението за внатрешни работи во Неготино на автопатот по наплатна станица „Демир Капија“, покрај десната коловозна лента.

По пронаоѓањето на жената, додаваат од СВР Велес, бил извршен разговор со сопругот на жената, 52-годишниот Б.М. Неговата изјава била дека додека се враќале од одмор во Грција неговата сопруга, за кој рекол дека имала здравствени проблеми, го нападнала во автомобилот по што дошло до физичка пресметка.

Тој, како што рекол, го запрел возилото и ја оставил С.М. покрај патот, а потоа со автомобилот, во кој биле нивните малолетен син и внука, го продолжил патот кон граничниот премин „Табановце“.

На повредената жена од страна на Итната медицинска помош од Неготино и била укажана лекарска помош, по што била пренесена во здравствената установа „Негорци“.

За настанот, според СВР Велес, бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Слични содржини