Врховниот суд на Хрватска му ја укина пресудата на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер за злоупотреба на службената положба и овластување, соопштија денеска од тој суд, јавуваат хрватските медиуми.
Иако во соопштението не се наведува името на обвинетиот, се наведува дека тој се товари дека како преговарач од хрватската влада зел провизија од 3,6 милиони куни (околу 475.000 евра) за склучување договор за заем и за влез на странска банка на хрватскиот пазар. Медиумите потсетуваат дека станува збор за случајот „Хипо“.
Откако Врховниот суд ја прифатил жалбата на обвинетиот и ја укинал пресудата, предметот бил вратен на Жупанискиот суд во Загреб, кој донел првостепена пресуда, за да може процесот да се повтори.
Во соопштението на Врховниот суд се потсетува дека „Санадер е обвинет за“ преговарање за условите за договор за заем со странска банка во 1994-1995 година како заменик-министер за надворешни работи и овластен преговарач во име на хрватската влада.
Заемот ѝ беше потребен на хрватската влада за да купи згради на амбасади ширум светот.
Обвинетиот се товари дека ја искористил воената состојба за да земе провизија при склучувањето на тој договор.
Врховниот суд утврди дека првостепениот суд не успеал правилно да го утврди начинот на кој дејствијата на обвинетиот имаа штетно влијание врз материјалните услови за живот на населението во војната и врз економскиот потенцијал на државата и другите имотни интереси или економскиот потенцијал на државата во војната.
Правилното утврдување на овие факти е пресудно и за да се процени дали значителната материјална добивка е непропорционална.
Врховниот суд додава дека во првостепената пресуда е нејасно како извршување на кривично дело со износот на стекнатиот имот сериозно би го загрозило функционирањето на државата и би ги загрозило темелните државни и општествени вредности во војната, односно материјалните услови за живот на населението.
Во соопштението се вели и дека во повторената постапка потребно е со поголемо внимание да се процени дали во однесувањето на обвинетиот се стекнати сите битни карактеристики на кривичното дело злоупотреба на положба и овластување.
Како што се посочува, потребно е да се оцени дали има место за примена на Законот за незастареност, односно дали остварената значителна имотна корист е непропорционална.