Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека има барање за, како што истакна, итна и масовна реконструкција на Владата на Србија, додавајќи дека очекува смена на над 50 отсто од министрите.
„Во овие тешки политички времиња стана јасно кој е подготвен да се бори, кој не е, кој е подготвен да работи, кој не е, кој се крие во глувчешка дупка, кој не. И соодветно, очекувам дека повеќе од 50 отсто од сегашните министрите ќе бидат сменети со многу, многу итна реконструкција“, рече Вучиќ во своето обраќање пред граѓаните во Палатата Србија.
Тој додаде дека работата мора да продолжи и државата да функционира.
„Земјата мора да функционира и нема поважна задача што една влада ја има од организирање на животот и подобрување на животниот стандард. И со тоа мора да се справи“, нагласи Вучиќ.
Тој изјави дека оваа недела ќе има многу важни работи, од отворањето на автопатиштата до доаѓањето на, како што рече, важни гости.