Србија се соочува со ризик да го загуби пристапот до увезената сурова нафта во петок, бидејќи преговорите за спречување на санкциите за единствената рафинерија во земјата пропаднаа, изјави претседателот Александар Вучиќ за „Фајненшл тајмс“, а пренесува „РТС“.
Изземањето од санкциите истекува на полноќ, а доколку не биде продолжено, „НИС“, кој е во мнозинска сопственост на руски „Гаспромњефт“ и „Гаспром“, би можел да се соочи со прекин во снабдувањето со сурова нафта.
Како што пишува „ФТ“, НИС управува со единствената рафинерија за нафта во Србија, со капацитет од 4,8 милиони тони годишно, која задоволува најголем дел од домашните потреби. Вучиќ изјави за „ФТ“ дека не очекува договор во последен момент.
„Разговаравме со Американците, со Русите, со сите за да најдеме решение. Не видовме промена во ставот на Американците“, нагласи Вучиќ.