Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на српскиот народ им ја честиташе убедливата победа на локалните избори во Србија, со оценка дека Србија уште еднаш гласала да не го признае „Косово, да ја зачува Република Српска и сите Срби каде и да живеат и да не воведува санкции кон Русија“.
Тој во изјавата нагласи дека Србија победила на избори кои не требало да ги загуби, избори за правото да остане слободна.
– Вучиќ донесе победа на нашиот список, гласачите го наградија за неговата борба и храброст и благодарение на него не беа толку критични кон сите нас, а особено кон локалните функционери, колку што можеа – рече Вулин.
Тој истакна дека Вучиќ во нивно име ветил дека ќе се грижат за народот и дека претседателската функција не се негира, туку се исполнува, а кој тоа не го разбира да не биде на власт.
– Им честитам на Вучиќ, на Српската напредна странка, на нашата коалиција и на сите граѓани на Србија големата победа! – рече Вулин.
Во Србија вчера се одржаа локални избори за советници во градското собрание на Белград, како и избори во 14 други градови и 74 општини и градски општини.
Претставниците на списокот собрани околу СНС објавија дека оваа коалиција освоила мнозинство во сите градови на Србија, освен во четири општини, каде што победиле малцинските листи.