За десет години заминале над милион Италијанци

од Milan1
40 прегледи

Повеќе од милион Италијанци ја напуштиле земјата во изминатите 10 години, од кои една третина на возраст од 25 до 34 години, покажуваат националните податоци. Оние што заминуваат обвинуваат за ниските плати и недоволното вреднување на нивните вештини, а меѓу нив особено расте учеството на дипломираните студенти.

Додека миграцијата стана жестока тема за која се расправа, за секој млад странец кој ќе се насели во Италија, речиси девет млади Италијанци ја напуштаат својата татковина, се вели во извештајот на фондацијата „Норд Ест“.

„Не е нормално нашата земја да не прашува зошто (тоа е така) и да не се обидува да го запре ова крварење“, рече Ренато Брунета, претседател на Националниот совет за економија и труд (CNEL), за време на презентацијата на извештајот во октомври.

Некои, особено од посиромашниот југ на Италија, се преселуваат во побогатите провинции на северот на земјата за да си ја пробаат среќата. Уделот на дипломирани студенти меѓу нив е зголемен од 18 на 58 проценти во изминатите две децении.

Но, дури и во индустријализираниот север, работните услови можат да бидат помалку атрактивни отколку на друго место.

Италија е една од ретките земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) каде што реалните плати се намалени во споредба со 2019 година.

Италијанскиот „одлив на мозоци“ ја чинеше земјата околу 134 милијарди евра во периодот меѓу 2011 и 2023 година, според фондацијата „Норд ест“.

Од оние кои се враќаат, многумина тврдат дека тоа е затоа што сакаат да бидат блиски со своите семејства, се посочува во извештајот на фондацијата.

Другите остануваат дома од потреба, а не по избор.

Слични содржини