Десетте земји кои станаа членки на ЕУ пред 20 години изминативе две децении се развиваа многу побрзо од просекот на Унијата и успеаја речиси двојно да го зголемат својот БДП по глава на жител, покажуваат податоците на Европската комисија.
Овие десет земји, Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка забележаа раст на куповната моќ изразена во БДП по глава на жител од 51 отсто од просекот на 14-те „стари членки“ во 2004-та, на 79 проценти во 2023 година, соопшти еврокомесарот за економија Паоло Џетилони презентирајќи ги пролетните економски перспективи на Унијата за 2024 и 2025 година.
– Врз основа на нашите 10-годишни проекции, овие 10 земји членки треба дополнително да го намалат јазот во приходите со „старите“ членки во следната деценија. Во 2033 година, нивните просечни нивоа на приход треба да се искачат на 92 отсто од оние на ЕУ14, изјави Џентилони, додавајќи дека ваквите податоци се многу добра вест за земјите од Западниот Балкан, како и за Грузија, Молдавија и Украина, кои „работат на пристапување кон ЕУ“.
Во однос на економските предвидувања за наредниот период на ниво на цела ЕУ, Џентилони порача дека „по тешката 2023 година“ економската активност зајакна во првото тримесечје од годинава, по што во наредните квартали се очекува „забрзување на економскиот моментум“, што ќе доведе до годишна стапка на раст на ниво на ЕУ од еден отсто во оваа и 1,6 проценти во 2025 година.