Околу 974 илјади странски туристи ја посетиле Албанија во текот на месец мај, со што вкупниот број се искачи на повеќе од 3,3 милиони во првите пет месеци од годинава.
Министерката за туризам и животна средина, Мирела Кумбаро, денеска ги објави бројките, нагласувајќи дека со наближувањето на шпицот на туристичка сезона, институционалната одговорност и внимание е да се претстави најдоброто од албанската туристичка понуда под слоганот „Albania All Senses“.
Во текот на месец мај не посетија околу 270 илјади повеќе странски туристи споредено со истиот месец минатата година, со што бројот на туристи во првите пет месеци се искачи на 3,3 милиони или 38 отсто повеќе со истиот период 2023 година. Како што се приближува врвот на крајбрежната туристичка сезона, го зајакнуваме целото институционално внимание и духот на гостопримството за да го претставиме најдоброто од „AlbaniaAllSenses“, вели министерката Кумбаро во видео објава на Фејсбук.
Покрај другите служби и инспекторати, министерката Кумбаро, редовно врши обиколката во приморските општини со цел следење на исполнувањето и почитувањето на стандардите, чистотата, јавните простори и безбедноста во туризмот.
Таа, на крајбрежјето, посети и неколку здравствени амбуланти, од вкупно 34, колку што се веќе ставени во служба на туристите.
Минатата година Албанија забележа рекордна посетеност од над 10 милиони туристи, што е над 2,5 милиони повеќе споредено со претходната година.