Европа произведе помалку нерециклирана пластика во 2023 година во споредба со 2022 година, што се случи за прв пат, но остатокот од планетата сè уште произведува повеќе таква пластика, соопшти лобито „Plastics Europe“, додавајќи дека смета дека тоа е заканувачко за транзицијата.
Минатата година 27-те земји на ЕУ, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија заедно произвеле 54 милиони тони нерециклирана пластика. Ова е пад од 8,3 отсто во однос на претходната година.
Произведени се 7,1 милиони тони рециклирана пластика, односно 7,8 отсто помалку од претходната година, покажуваат статистичките податоци објавени денеска од професионалната организација „Plastics Europe“, која обединува околу сто компании кои произведуваат повеќе од 90 отсто од сите полимери во Европа.
„Овие податоци се спротивни на трендот на светското производство на пластика, кое минатата година порасна за 3,4 отсто, што укажува дека учеството на Европа во тоа производство дополнително е намалено и нема да достигне повеќе од 12 отсто на светскиот пазар во однос на 14 отсто во 2022 година“, соопштија од организацијата „Plastics Europe“.
Европа одржа позитивно трговско салдо по вредност и за прв пат стана нето увозник на полиестерска смола по волумен во 2022 година и на готови пластични производи од 2021 година, се додава во текстот.
Во периодот меѓу 2020 и 2023 година, европскиот извоз на полиестерска смола падна за 25,4 отсто.
Организацијата додава дека оваа промена ја загрозува одржливоста на европскиот синџир на вредност за пластика, кој денес вработува повеќе од 1,5 милиони луѓе во 51.700 компании, а кој во 2023 година во ЕУ оствари обрт од 365 милијарди евра.
Главната причина за овој пад е наглото зголемување на увозот на полимери кои се многу поевтини отколку во Европа, од области каде еколошките стандарди се помалку строги, како на пример во Азија, или од земји каде енергијата е многу поевтина, како на пример во САД.
Сепак, Европа останува регион во светот со најголем удел на таканаречената циркуларна пластика, односно рециклирана пластика или пластика од биоизвори, со 14,8 отсто од локалното производство, што е зголемување за 0,7 отсто во споредба со 2022 година, иако овој пораст е забавен, назначено од организацијата.
Неколку дена пред отворањето на преговорите на ОН во Бусан, Јужна Кореја, каде треба да се склучи меѓународен договор за елиминација на загадувањето со пластика, „Plastics Europe“ смета дека „ерозијата на европската конкурентност ја загрозува транзицијата на таа индустрија кон циркуларност“.