Три дена по објавата на премиерот Мицкоски дека е постигнат договор со Унгарија за заем од 500 милиони евра, нема нови детали за условите под кои ќе се земе овој кредит ниту во која насока ќе се одвива т.н специјална економска соработка со оваа земја. За дел од економистите кои разговараа со „Локално“ не е невообичаено да се земаат кредити од други држави, Србија се задолжи кај Емиратите а Македонија кај Кина, но предупредуваат дека клаузулите во него можат да го направат кредитот многу проблематичен.
Црна Гора пред некоја година имаше проблеми со кинески заем за автопат – не можеа да го исплаќаат заемот, а во договорот имаше клаузула дека ако не го исплаќаат, Кина има право да преземе некој нивен државен објект. На крајот се среди работата, земаа нов заем од ЕУ, ама ако има таква некоја клаузула и во овој договор со Унгарија, тоа дефинитивно може да води во заложништво. Но дури и да нема ваква клаузула, заемот е сепак проблематичен, и од економска и од политичка гледна точка. Од економски аспект, се чини дека ние сега земаме кредит само колку да го земеме, а не затоа што стварно ни треба. Не знаеме за што ќе се користат парите, кажаа нешто нејасно дека пола од нив ќе се трошат за општински проекти, а никој не знае кои се тие проекти. Изгледа како владата сега да им кажува на општините – еве ви пари, трошете ги на нешто, правете што било. Тоа не се прави така, прво се тргнува од потребите, гледате што им треба на општините, па после наоѓате пари. Просто кажано, работите се поставени обратно, а тоа не е добро, затоа што станува збор за големи пари, вели во изјава за Локално, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.
Професорот др. Синиша Наумовски пак смета дека не треба да не загрижува фактот што кредитот доаѓа од Унгарија бидејќи тоа е земја која како што вели, има влијателно учество во ЕУ. Единствен момент кој треба да се набљудува според него е начинот на трошење на парите од заемот.
Иако немаме многу информации за заемот, факт е дека заемот не е скап, а каматата од 3,25% е прифатлива особено ако се знае дека во минатото и дома се задолжувавме со камати од 5-6%. Верувам дека се е добро испланирано. Грејс периодот од три години и 12 години за отплата, значи дека имаме доволно време тие средства да ги пласираме во капитални проекти и самите да се оплодат. Тој период ќе треба внимателно да се набљудува во насока на правилно трошење на тој билатерален заем односно на средствата од оваа финансиско економска инфузија. Треба да се остави простор и за да се види каков ефект ќе има новиот заем на јавниот долг и обврските кои доспеваат од странство. Треба да дадеме шанса на вакви државотворни економски политики и политики за интеграција. Ако успее ваквата стратегија, ќе успее Македонија а ако успее Македонија ќе бидеме сите заедно посреќни, вели за Локално, Наумовски.
Не спорејќи ја важноста на капиталот што на ваков начин се вбризгува во македонската економија и неколкуте инвестиции кои беа најавени во краток временски период, бенефитите од најавениот пакет инвестиции од една милијарда евра, вели дека треба да ги очекуваме догодина.
Убеден сум дека ефектите од економските мерки кои ги воведува и најавува новата Влада ќе бидат во 2025 г. Оваа година ќе се бориме инфлацијата да биде 3,5% а растот и БДП кој е директно врзан со инвестициите, ќе биде околу 2%. Ефектите од инвестициите од тој т.н пакет од една милијарда евра, ќе се почувствуваат во втората половина од 2025 г. како година на сериозни позитивни поместувања во однос на оваа 2024 г. Убеден сумво тоа, бидејќи имаме стабилна Влада и не очекувам негативни конотации во меѓусоседските односи и евроинтеграциите. Се ќе биде стабилно, уверува Наумовски.
На иста линија е и професорот Дарко Лазаров.
За нас како земја е најважно постојано да ја подобруваме инвестициската клима и да бидеме проактивни во привлекување на странски инвестиции, како и во стимулирање на домашни инвестиции, а резултатите и ефектите од тоа секако ќе бидат неизбежни независно дали за тоа ќе бидат потребни неколку месеци или квартали. Инвестициите значат креирање на нови работни места, трансфер на технологија и подобрување на продуктивноста, поголема економска активност и повеќе средства во буџетот, објаснува за Локално, Лазаров.
Со ребалансот кој треба да се обелодени до крајот на месецов очекува да се скратат оние капитални инвестиции кои не биле добро планирани во буџетот или оние кои согласно постоечката динамика нема изгледи да се реализираат до крајот на годината а да се обезбедат средства за капитални инвестиции на локално ниво кои се исклучително важни за квалитетот на живот на граѓаните од тие средини.
К.В.С.